Нема производи во вашата кошничка.

Не појадувате? Заборавете на слабеењето!

Прескокнувањето на појадокот предизвикува кризен режим на работа во човечкото тело, при што телото согорува мускулно ткиво, а не масти. Доколку имате навика да го прескокнувате појадокот, можете да заборавите на желбата за намалување на вишокот килограми.

Најважен оброк во денот

Појадокот е исклучително важен оброк, затоа што со него ви започнува работниот ден. Ако е соодветно приготвен и доволно обилен, ќе ви обезбеди енергија за оптимална концентрација, сила и ефикасност. Ако го започнете денот без појадок, вашето тело започнува да троши од резервите. Наместо масни наслаги, согорува мускулно ткиво за да си обезбеди енергија, затоа можете да заборавите на намалувањето на вишокот килограми. Мускулите се главни потрошувачи на енергија во вашето тело, па кога организмот ќе забележи намален внес на енергија, се адаптира, влегува во кризен режим, го намалува обемот на мускулно ткиво, го забавува метаболизмот и со тоа ги намалува и потребните калории за секојдневно функционирање. На ваков начин секако ќе ја намалите телесната тежина, но тоа ќе се случи на најнездравиот можен начин, што на долги патеки ќе ви предизвика повеќе проблеми отколку ако никогаш не сте ослабеле.

Неопходни хранливи материи

Денот треба да го започнете со храна која изобилува со хранливи материи, за соодветно да се подготвите за престојниот ден исполнет со многу пречки и предизвици. Ако немате доволно време наутро, појадокот можете да го приготвите уште од вечерта. Едноставно покријте ја масата со крпа, за да не се исуши храната и ќе имате соодветен оброк што ќе ве чека кога ќе се разбудите.

Што да одберете за појадок?

Житарки

Одлучете се за интегрални житарки, како што се: пченица, пченка, ’рж итн. Можете да ги јадете во комбинирани мусли, кои содржат оптимална комбинација или пак, доколку тоа ви е повеќе по вкус, да ги купите во посебни пакувања и да ги комбинирате по желба. Јадете ги со обезмастено или нискомасно млеко.

Јаткасти плодови и семиња

Јаткастите плодови и семињата се исклучително богати со хранливи материи (корисни масни киселини, големи количини витамин Е и витамини од Б-комплексот, цинк и железо). Овие хранливи материи се особено важни за вегетаријанците, со оглед на тоа што не внесуваат протеини од животинско потекло.

Овошје и зеленчук

Општо е познато дека овошјето и зеленчукот содржат огромна палета витамини и минерали, но и растителни влакна. За појадок, можете да ги јадете свежи или пак приготвени во форма на шејк, што ќе ви заштеди доста време во хаотичните утра.

Пијалаци

Препорачливо е да испиете една чаша вода уште при станувањето од креветот. Но, можете да се напиете и чаша чај. Избегнувајте да пиете кафе на празен желудник, затоа што тоа го иритира и го подигнува нивото на желудочни киселини.