Нема производи во вашата кошничка.

Камен на среќата

КАМЕН НА СРЕЌАТА

Старите Египќани го користеле уште пред 5000 години, а многу е модерен и денеска.

Се работи за тиркиз – скапоцен камен со специфична сјајна, зелено-сина боја т.н тиркизна, омилена во сите епохи, па и денес....

Името „тиркиз„ го добил по францускиот збор за „турско„, бидејќи преку Турција, овој камен стигнал во Европа, во периодот на крстоносните војни во 12-ти и 13-ти век.

Каде го има?

Најголемите наоѓалишта на тиркиз се во Иран (таму се најквалитетни), во јужниот и централниот дел на Северна Америка, Мексико, Израел, Авганистан, Кина, Австралија, Египет...

Тиркизот е бакар алуминиум фосфат, со тврдост 6, што значи дека е многу помек од кварцот. Во природата се среќава во разни нијанси: од небесносина до сивкасто зелена и тоа најмногу таму каде што има големи наслаги од бакар. Кога во себе тиркизот содржи повеќе бакар, сината боја му е поизразена, а зелената настанува од железо и двовалентен хром. Шарите кои се појавуваа во тиркизот се кафеави, сиви или црни што зависи од местата каде е пронајден.

Бидејќи е релативно мек, тиркизот е многу чувствителен: бојата може да му избледи ако долго е изложен на сонце, а му пречат и парфеми. Заради тоа, најчесто се третира со восок, па во продажба се наоѓа многу тиркиз прекриен со синтетичка смола за да траат подолго и за да не му се оштети бојата.

Тирзкизот како талисман

Како талисман, тиркизот на ист начин е користен и кај Египќаните и кај древните Персијци и разни индијански народи во Америка. Тие го обработувале и на ист начин: со камен за брусење и песок. Иако е многу полесно да се пронајде тиркиз, отколку некој друг скапоцен камен, потребна е голема вештина за сечење и обработка.

Тиркизот е национален симбол на Иран, каде е вграден во многу царски и верски реликвии. За да донесе среќа и благосостојба, луѓето на Блискиот и Средниот Исток го носеле на турбаните, заедно со бисери, бидејќи верувале дека штити од уроци. Индијанците од Северна Америка, кои и денес прават прекрасен накит од тиркиз, веруваат дека овој камен создава директна врска меѓу небото и морето.

Во сите цивилизации, тиркизот се носел како заштита од мрачни сили. Коњите и јавачите ги штител од ненадеен пад, а денес овие заштитнички својства се пренеле на пилотите, авионските екипажи и кај сите други професии кои се изложени на исклучителна опасност.

Неговата весела боја влева самодоверба, а често се подарува како знак на пријатлство.