Нема производи во вашата кошничка.

Зошто фитнес програмата не ви функционира

Сите знаеме дека вежбањето е добро за здравјето. Но, што се случува кога напорно вежбате, а не ги гледате посакуваните резултати? Иако не постои лоша физичка активност, некои вежби се подобри од другите. Можеби ефикасноста на вашиот режим е намалена од некоја од следниве причини.  

1. Не вложувате доволно напор

Доколку постојано вежбате неколку недели, месеци или години, дефинитивно е дојдено време да го зголемите интензитетот и да се предизвикате себеси. Колку повеќе вежбате, толку вашето тело се адаптира и станува поефикасно во извршување на таа активност. Ова значи дека џогирањето од половина час што на почетокот ви изгледало како најтешката работа на светот, денес е само обично загревање. Доколку постојано го правите истото нешто, вашето тело ќе започне да согорува помалку калории и резултатите ќе се намалат.

2. Вежбате пренапорно

Да, постои категорија пренапорно вежбање. Доколку се форсирате до максимум на секој тренинг или пак никогаш не одредувате барем еден ден за одмор во неделата, тоа може да значи дека ја намалувате мускулната маса наместо да ја зголемувате. Доколку постојано се чувствувате уморно и имате болки во мускулите, имате чудни главоболки, несоница или пак недоволна мотивација, тоа можеби се знаци дека сте се префорсирале.

3. Не сте ја промениле исхраната

Вежбањето е одлично, но доколку не јадете храна што ги содржи потребните хранливи материи, со соодветна калориска вредност, тогаш можеби сами си пукате во ногата. Соодветната исхрана претставува гориво за тренинзите, но ако јадете премногу можете да се здебелите (или да го забавите слабеењето), а ако јадете премалку, нема да имате доволно енергија за вежбање или дури може да предизвикате намалување на постојната мускулна маса.

4. Вежбате само кардио вежби

Кардио вежбите се многу важни за согорување на калориите, но добра програма вклучува кардио вежби, вежби со отпор и вежби за флексибилност. Ако вежбате единствено кардио вежби, ќе согорувате калории и ќе го зајакнувате кардиоваскуларниот систем, но нема да го промените своето тело, бидејќи нема да ја зголемите мускулната маса. За тоа ви се потребни вежби со отпор.